Назад во Новости

Како летната школа Биди Банкар го трасираше мојот кариерен пат

29.05.2019

Пишува: Христина Ташевска

„Од летна школа до позиција Специјалист за ВИП клиенти,следно којзнае?“- ова беа зборовите на Тома Пувро, член на Управен Одбор на Охридска Банка Сосиете Женерал на денот на неговото заминување по завршениот работен ангажман Банката.

Токму со оваа реченица можам да го сумирам искуството наречено „Биди Банкар“ кое за мене започна пред точно две години кога станав член на првата генерација на студенти кои беа одбрани за учество во летната школа на Охридска банка Сосиете Женерал. Од оваа гледна точка, можам без сомнеж да кажам дека тоа искуство беше отскочна даска за мојата кариера во банкарскиот сектор.

Спојот на практична работа и обука од високо квалитетни професионалци се добитната комбинација за млади ентузијасти и студенти кои сакаат да започнат со градење на успешна кариера. Преку летната школа имав прилика да се запознаам одблизу со процесите и начинот на работа на сите организициони единици во банката, а преку интерактивните обуки го проширив моето неформално образование. За време на тој период, навистина се отвораат видиците за студентите штотуку излезени од клупа, па така и јас и моите тогашни колеги полека почнавме да се пронаоѓаме во различни области на банкарското работење. Поддршката од менторите и обучувачите беше клучна за себепронаоѓање во различните делови на банкартвото. Затоа, со задоволство можам да кажам дека истите тие студенти со кои го делевме ентузијазмот за учење и надоградување, сега се и дел од моето работно секојдневие и мои колеги.

По завршувањето на летната школа, веднаш изјавив желба да продолжам со практична работа во Централата на Банката во Скопје каде секојдневно се трудев да ги зголемам своите меки вештини со што ги набљудував сегашните колеги како комуницираат со клиенти, како го организираат своето работно време и како ги завршуваат поставените таргети. По учеството во летната школа на Охридска Банка Сосиете Женерал и неколку месечната практична работа во Скопје, ја добив и првата понуда за вработување како дел од тимот на секторот Продажна мрежа. По изминати шест месеци работење како Референт за односи со индивидуални клиенти ја добив и понудата за трансфер на мојата сегашна позиција-Специјалист за услуги кон ВИП клиенти.

Сега, можам без сомнение да кажам дека искуството кое ми го овозможи „Биди Банкар“ е од огромно значење за развојот на мојот кариерен пат како млад професионалец. Не само што ме подготви за влез во пазарот на трудот, туку и ме опреми со знаење и практична работа кои се од голема важност при првото вработување. Како и мнозинството припадници на генерацијата millennials, верувам дека еден од најважните приоритети во работата е кариерниот напредок и вложувањето во вработените. Охридска банка Сосиете Женерал е една од институциите во банкарскиот сектор која непрекинато вложува во своите вработени, а преку летната школа “Биди Банкар” безрезервно инвестира и во младината која штотуку зачекорува на пазарот на труд.

И за крај, ќе сумирам со мотото на Societe Generale – „The world only moves, because you make it move”. Движењето кон поставените цели е клучно за напредок, бидејќи со секој чекор напред сме поблиску до остварување на големи нешта.